Г7 повика на смиреност и воздржаност во Авганистан

Германската канцеларка Ангела Меркел од Берлин учествува на онлајн состанокот на Г7 , 24.08.2021

Членките на групата седум најразвиени економии (Г7) ветија дека се непоколебливо посветени на луѓето во Авганистан и изрази сериозна загриженост за ситуација во таа земја откако талибанците ја заземаа власта.

Во заедничкото соопштение објавено во итниот состанок денеска лидерите на Соединетиете Американски Држави, Британија, Италија, Франција, Германија, Канада и Јапонија побараа смиреност и воздржаност за да се осигура безбедност и сигурност на Авганистанците и другите странци и да се спречи хуманитарна криза.

“Авганистанците заслужуваат да живеат во достоинство, мир и безбедност како одраз на последните две децении политички, економски и социјални достигнувања, особено за жените и девојчињата“, се наведува во соопштението на Г7.

Во него се нагласува и дека талибанците ќе се сметаат за одговорни за спречување на тероризмот, за човековите права особено на жените, девојчињата и малцинствата и за озбезбедување на инклузивно политичко решение во Агванистан.

Г7 побара од сите страни во земјата да работат во добра волја и да создадат инклузивна и репрезентативна влада наведувајќи дека и секоја идна влада мора да се придржува до меѓународните обврски за борба со тероризмот, заштита на човековите права на сите Авганистанци, почитување на владеењето на правото, овозможување на непречен и безусловен хуманитарен пристап и ефикасно спротиставување на трговијата со луѓе и дрога.

Групата 7 исто така наведува дека тие ги поддржуваат Обединетите нации во координирањето на итен хуманитарен одговор во регионот вклучително и неограничениот хуманитарен пристап во Авганистан и дека ќе придонесат колективно во тој одговор. Нивниот „непосреден приоритет“, наведуваат членките на Г7 е „да обезбедат безбедна евакуација на нашите граѓани и на оние Авганистанци кои соработуваа со нас и ги помагаа нашите напори во изминатите дваесет години и да обезбедат континуирано безбедно минување надвор од Авганистан“.