УКИМ со комбиниран модел на настава

Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ објави дека за предавањата во зимскиот семестар од учебната 2021/2022 година ќе се применува комбиниран модел на настава (онлајн и со физичко присуство).
Испитната сесија која е во тек исто така продолжува комбинирано, посочува од Универзитетското студентско собрание, односно според одлуката на професорот дали испитот ќе се спроведува онлајн или со физичко присуство, со почитување на мерките за заштита од Ковид19.

Универзитетското студентско собрание информира и дека е донесен заклучок да се овозможи отворање вакцинален пункт на Универзитетот за да се олесни процесот на вакцинација на студентите и кадарот на Скопскиот универзитет.

„Од Владата ќе се бара изготвување протоколи за високо образование и допрецизирање на Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за превентивни препораки, привремени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување и заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид19“, соопшти УСС на УКИМ.

Инаку владата минатата недела донесе одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи за учениците во основните и средните училишта. Министерката за образование Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче нагласија дека се следи епидемиолошката состојба и ако има потреба ќе се препорача друг тип на настава- комбинирана или онлајн.