Украинa ги демантира информациите за киднапиран авион во Кабул

Украинското министерство за надворешни работи ги отфрли извештаите дека украински авион бил киднапиран од непознати лица од аеродромот во Кабул и потоа насочен да лета кон Иран. До овој демант доаѓа откако неколку медиуми вчера го цитираа украинскиот заменик министер за надворешни работи Јевхен Јенин, кој, како што пренесуваат медиумите, рекол дека непознати лица киднапирале украински авион и го пренасочиле кон Иран.

Портпаролот на министерството Олех Николенко за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека „ниту еден украински авион не е заробен во Кабул или на друго место“.

Банките во Кабул затворени, цените на храната растат

"Информациите за киднапиран авион, што ги пренесоа некои медиуми, не се точни. Сите авиони што нашата нација ги користеше за евакуација на нашите граѓани од Авганистан, безбедно се вратија во Украина", рече Николенко.

Тој посочи дека со нив биле донесени 256 лица од Авганистан во Киев преку три летови.

"Заменик -министерот за надворешни работи Јевхен Јенин генерално го објасни невиденото ниво на тешкотии со кои се соочуваат нашите дипломати при евакуација на Украинците. Мора да разбереме дека ситуацијата на аеродромот во Кабул е близу до хаос", додаде Николенко.

Состанок на лидерите на Г7 за Авганистан

Дополнително и иранската управа за цивилно воздухопловство ги демантираше информациите дека авионот за Киев наполнил гориво во иранскиот град Машад за време на патувањето од Кабул до украинската престолнина.
Николенко посочи дека во Кабул има уште околу 50 украински државјани кои бараат да се вратат дома.