Талибанците против одложување на повлекувањето на западните сили

Претставници на меѓународните сили на аердоромот во Кабул.

Талибанците не прифаќаат продолжување на повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан кое треба да заврши на 31 август. Нивниот одговор доаѓа откако Соединетите Американски Држави и други западни земји рекоа дека поради хаотичната евакуација на илјадници луѓе од Авганистан можно е да побараат одложување на крајниот рок за повлекување.

Двајца официјални претставници на НАТО на аеродромот во Кабул изјавија дека ситуацијата е под контрола по престрелката на аеродромот при што беше убиен еден стражар. Талибанците распоредиле борци надвор од аеродромот, во обид, како што велат, да ги следат дадените наредби.

Дваесет луѓе загинаа во хаосот на аеродромот, повеќето од нив во престрелки и стампедо, додека американските и меѓународните сили се обидуваат да ги изнесат од земјата Авганистанци кои сакаат да си заминат, откако талибанците ја презедоа контролата во земјата.

Кризата го натера американскиот претседател Џо Бајден да забележи дека неговиот тим за национална безбедност разговарал за можноста за продолжување на рокот за повлекување од Авганистан и после 31 август.

Според талибанците таквиот потег ќе создаде недоверба и ќе предизвика реакција.

„Тоа е црвената линија. Претседателот Бајден објави дека на 31 август ќе ги повлечат сите свои воени сили. Значи, ако го продолжат рокот, тоа значи дека ја продолжуваат окупацијата додека нема потреба од тоа“, рече портпаролот на талибанците Сухаил Шахин во интервју за Скај њуз.

Тој не образложи какви последици ќе има.

Официјален претставник на Белата куќа рече дека Соединетите Држави „евакуираа и олесниле евакуација на околу 37.000 луѓе“ од 14 август наваму.