Оштетени цевки кои носат кислород во Тетовската болница

Илустрација - Боци со кислород за ковид паценти.

Оштетени биле две споредни цевки кои носат кислород од централниот систем до првиот објект ургетно-дијагностичкиот центар во Тетовската болница, додека снабдувањето до ковид одделенијата одело непречено преку главната цевка, велат од болницата во Тетово. Вработените во тетовската болница утринава увиделе дека има оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите, но тоа не предизвикало последици по пациентите. Во ургентно дијагностичкиот центар немало пациенти и на тој начин не дошло до поголеми последици.

„Изгледа имавме среќа сите 125 пациенти што ги имавме ги спасивме, бидејќи да имаше оштетување на главната цевка тоа ќе беше катастрофа и не би сакал да предвидам што би можело да се случи и што би можеле ние да направиме во тие моменти. Тоа би требало да значи транспорт на сите пациенти од сите одделенија, а имаме нетранспортибилни пациенти“, изјави доктор Гзим Нуредини, координатор во ковид центарот на Клиничката болница во Тетово.

Докторот вели дека сега на полиција останува да утврди, како што вели, кој е авторот на ова дело.

„Со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки со различна големина, односно капацитет. Едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората за азотен оксидол била свиткана. Набрзо по пријавата, екипа на Секторот за внатрешни работи Тетово, во координација со Јавен обвинител, извршила комплетен увид“, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Цевките сега се поправени.