Состанок на лидерите на Г7 за Авганистан

Хаотичната ситуација на аеродромот во Кабул продолжува

Лидерите на Г7 ќе одржат виртуелен состанок за ситуацијата во Авганистан, објави британскиот премиер Борис Џонсон, чија земја во моментов претседава со Групата седум индустриски развиени земји (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Британија). „Ќе ги свикам лидерите на Г7 за итни разговори за ситуацијата во Авганистан. Од витално значење е меѓународната заедница да работи заедно за да обезбеди безбедна евакуација, да спречи хуманитарна криза и да му помогне на авганистанскиот народ да го заштити напредокот постигнат во изминатите 20 години“, објави Џонсон на Твитер.

НАТО бара од талибанците да ги пуштат на аеродромот во Кабул тие што сакаат да заминат

Во четвртокот веќе се одржа состанок на министрите за надворешни работи на Г7. По тој состанок, министрите ги повикаа Талибанците да им гарантираат „безбедност“ на странците и Авганистанците кои сакаат да го напуштат Авганистан. Тие, исто така, ја нагласија потребата сите страни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право. Откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан, вчера илјадници луѓе сѐ уште се обидуваат да ја напуштат земјата, додека операциите за евакуација од странство продолжуваат во тешки околности. Во немирите загинаа седум цивили од Авганистан, изјави вчера британскиот министер за одбрана.