Меркел во Киев: Гасот не треба да се користи како геополитичко оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел во Киев. 22.08.2021.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека природниот гас никогаш не треба да се користи како геополитичко оружје и го поддржа продолжувањето на договорот за енергетско партнерство со Украина, откако ќе истече во 2024 година.

Меркел ова денеска го изјави во Киев на прес -конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Посетата на Меркел во Украина е нејзина последна пред да се повлече по изборите во Германија следниот месец.

Нејзината посета на украинската престолнина доаѓа два дена по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Меркел беше критикувана за поддршка на гасоводот „Северен тек 2“, за кој Киев, Вашингтон и други предупредуваат дека не само што ќе го зајакне енергетскиот капацитет на Москва кон Европа, туку и дека ќе ја намали профитабилноста на Украина од таксите за транзит на гас.

На прес-конференцијата, Зеленски рече дека разговорите за продолжување на договорот за транзит на гас со Русија биле нејасни.

Тој рече дека сака да разбере што може да добие Украина по истекот на договорот во 2024 година.