Радев најдоцна до петок треба да го врачи третиот мандат

Румен Радев.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека до петок мора да го даде третиот мандат, но не кажа на која пратија ќе го предаде наведувајќи дека „сите опции се отворени“, пренеесуваат бугарските медиуми.

„Ќе го направам тоа, но до петок“, изјави денеска Радев за новинарите при посетата на Болјарево и Тополовград.

Бугарија за само една година два пати одржа парламентарни избори, но ниту една партија не може да состави влада поради фрагментираниот Парламент.

По одржувањето на вторите избори во јули оваа година, најмногу гласови освои партијата „Има таков народ“ на чело со ТВ водителот Слави Трифонов. Но, откако тој не успеа да состави Влада, претседателот Радев му го додели мандатот на Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ која беше втора на листата според освоените гласови. Партијата на Борисов исто така го врати мандатот за составување Влада.

„Во оваа конфигурација во Парламентот, ако сме успешни зборот компромис мора да биде присутен, а не е присутен“, рече Радев повикувајќи ги пратениците да размислат за донесување на ребалансот на буџетот.

Радев вели дека можни се двојни избори оваа есен, но дека не е јасно дали е тоа технички изводливо.

Во Бугарија во моментов има техничка влада што ја формираше Радев по првите избори во април годинава, кога исто така ниту една партија не успеа да формира влада.