Иран: Приоритет ќе биде борбата против коронавирусот и економијата

Ебрахим Раиси, претседател на Иран.

Неодамна избраниот ирански претседател Ебрахим Раиси изјави дека неговата влада ќе стави приоритет на борбата против Ковид-19.

„Првиот приоритет на владата е контролата на коронавирусот, подобрување на здравствената состојба и широко распространета вакцинација“, изјави денеска Раиси откако Парламентот започна да расправа за изборот на кабинетот на конзервативниот лидер составен само од мажи.

„Економијата и егзистенцијалната состојбата се вториот приоритет“, рече тој.

Стапките на инфекција и смртност поради ковид пандемијата во Иран овој месец достигнаа рекорден раст. Во земјата досега регистрирани се повеќе од 4,5 милиони случаи и повеќе од 100,000 смртни случаи.

Официјалните лица ја обвинија позаразната делта варијанта за „петтиот бран“ на инфекции во земјата.

Раиси го избра Бахрам Ејнолахи да биде негов министер за здравство, опишувајќи го 63-годишниот оптометрист како „фигура која може да ги собере силите во борбата против коронавирусот“.

Ејнолахи е идентификуван како потписник на јануарското отворено писмо во кое се предупредува против увоз на вакцини направени од САД, Велика Британија и Франција, наведувајќи дека тие можат да предизвикаат „непознати и неповратни компликации“.

Повеќе од 16 милиони луѓе од вкупно 83 милиони жители во земјата примија прва доза на вакцина, но само 5,4 милиони ја примеле втората доза, соопшти Министерството за здравство.