Вонреден состанок на НАТО за Авганистан

Министрите за надворешни работи на НАТО одржуваат онлајн состанок на Северноатлантскиот совет во седиштето на Алијансата, Брисел, 1 јуни 2021 година

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека за денеска закажал вонреден состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Алијансата во врска со развојот на ситуацијата во Авганистан. Столтенберг на Твитер објави дека ќе претседава со состанокот преку видео врска, кој го свика „со цел да продолжи тесната координација“ на 30 членки на НАТО и за „разговори за заеднички пристап“ кон авганистанското прашање.

Столтенберг: Талибанците да не го претворат Авганистан во засолниште за терористи

Столтенберг во вторникот го обвини поранешното раководство на земјата за брзиот колапс на авганистанските вооружени сили поддржани од Западот, но призна дека НАТО мора да ги реши недостатоците на сопствената програма за воена обука. НАТО ги предводи меѓународните безбедносни напори во Авганистан од 2003 година, но се фокусира врз обуката на авганистанските сили од 2014 година. Алијансата помогна во изградбата на авганистанската армија со околу 300.000 припадници, но таа не се спротивстави на талибанците кои минатата недела ја презедоа контролата врз речиси целата земја.