ГЕРБ утре ќе го добие мандатот за формирање бугарска влада

Архивска фотографија - Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов и претседателот на Бугарија Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев утре треба да го врачи мандатот за формирање влада на втората по големина парламентарна група во Собранието – Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ). Од Кабинетот на Радев соопштија дека мандатот ќе биде врачен утре наутро.

Од ГЕРБ претходно изјавија дека веднаш ќе го вратат мандатот, но сепак ќе претстават состав на Министерскиот совет.

Според лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, партијата ќе претстави премиер и кабинет за да можат другите да се споредуваат.

Парламентарните избори во Бугарија, втори по ред годинава, се одржаа во јули. Најмногу пратенички места освои партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, а втора е ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Оваа недела кабинетот кој го соопшти Трифонов во јавноста наиде на критики од партиите кои требаа да му дадат поддршка, па воопшто и не се стигна до гласање во парламентот, откако Трифонов го повлече предлогот и побара да се оди на нови избори.