УНИЦЕФ ја поздрави одлуката за почеток на учебната година со физичко присуство

УНИЦЕФ ја поздрави одлуката на Владата за отворање на училиштата со физичко присуство за сите ученици од 1 септември.

Патриција ДиЏовани, претставник на УНИЦЕФ во изјава за медиумите ја охрабрува ваквата одлука на Владата и истакнува дека ризикот од пренос на Ковид-19 во училиштата може да се контролира со засилени превентивни мерки и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти.

„Сфаќаме дека одлуките за отворање на училиштата се разгледуваат во контекст на епидемиолошката состојба со КОВИД-19 и на нашето сѐ поголемо разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но, училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, кога тоа е безбедно. Со неизвесноста на почетокот од пандемијата, преминот кон настава од далечина беше неопходен, но замислен како краткорочна мерка, а не замена за учењето со физичко присуство“ изјави ДиЏовани.

Според неа, охрабрува ваквата одлука на Владата бидејќи, како што посочува, Северна Македонија го имала најдолгото затворање на училиштата при што мнозинството ученици посетувале настава на далечина вкупно 54 недели.

ДиЏовани истакнува дека истражувањето што го спровеле со раководителите на училиштата, наставниците и родителите покажало дека над половина од наставниците забележале пораст во бројот на ученици кои имале тешкотии или не успевале да го усвојат наставниот материјал поради наставата од далечина. Повеќето наставници исто така во одредени моменти од наставата на далечина, не можеле да контактираат со некои ученици.