Генерал-мајор Најт: Членството на Северна Македонија во НАТО е повеќе од заслужено

Стево Пендаровски и генерал-мајор Нејт, 19 август 2021

Членството на Северна Македонија во НАТО дава дополнителен придонес кон напредокот, развојот и стабилноста на Балканот, било констатирано на денешната средба помеѓу претседателот Стево Пендаровски и командантот на Националната Гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.

Како што се соопштува од претседателскиот кабинет, на средбата се разговарало за досегашната успешна и плодна соработка меѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, едукација и обука на припадниците на двете армии.

„Генерал-мајорот Грегори Најт ја истакна улогата на македонските вооружени сили и нивното учество во меѓународните мисии како исклучително успешна и подвлече дека членството во НАТО на Северна Македонија е повеќе од заслужено“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за целокупната американска помош, како и за поддршката во областа на одбраната, која е основа за проширување на соработката и во други области од заеднички интерес. Како што се наведува во соопштението, на средбата соговорниците размениле мислења и информации за актуелните состојби во Авганистан, каде што нашата Армија и Националната гарда на Вермонт координирано настапуваа во мисиите, чија цел беше да се обезбеди стабилност и да се промовира градењето на демократско општество.