Ердоган: Турција е подготвена за соработка со талибанците

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган синоќа изјави дека Анкара ги поздравува умерените изјави на талибанските лидери и оти Анкара е подготвена за соработка со нив.

„Турција е подготвена за секаков вид на соработка за мир во Авганистан, за благосостојба на нашите роднини во земјата и за заштита на интересите на Турција“, изјави Ердоган во заедничкото интервју за Канал 7, Улке ТВ, 24 ТВ, ТВНЕТ и ТВ 360.

Тој додаде дека военото присуство на Турција во Авганистан ќе ја зајакне новата администрација во Кабул на меѓународна сцена.

„Без оглед на тоа кој е на власт, да се застане зад Авганистан во добри и лоши времиња е нешто што го бара братството“, рече Ердоган.

Во меѓувреме странските влади ја продолжуваат евакуацијата на нивните граѓани и Авганистанци кои работеа со нив од Авганистан, во услови на зголемена загриженост дека Талибанците ги блокираат патиштата до аеродромот во Кабул и стравувањата дека денот на независноста на нацијата ќе предизвика повеќе насилство.