Слави Трифонов- Има таков народ веќе е опозиција во Бугарија

Претседателот на „Има таков народ“ Слави Трифонов

Победничката партија на последните парламентарни избори во Бугарија, што се одржаа на 11 јули, „Има таков народ“ со своите 65 пратеници веќе е во опозиција, а другите партии со своите 175 пратеници веќе се власт, изјави нејзиниот лидер Слави Трифонов, според кого, како овие партии ќе преговараат едни со други е веќе нивна работа.

Тој рече дека „Има таков народ“ се обидела да направи малцинска влада, што бугарскиот Устав тоа и го дозволува, а партијата ги направи потребните гестови и компромиси кон таканаречените „протестни партии“ , бидејќи изјавиле дека само со нивна поддршка ќе реализираат влада.

„ Освен тоа, и сите други партии изјавија дека нема да ја поддржат владата на „Има таков народ “, што значи дека таа со своите 65 пратеници веќе е во опозиција. А другите партии со нивните 175 пратеници се веќе на власт. Како ќе преговараат меѓусебно е веќе нивна работа. Со моето елементарно разбирање за политиката и нивниот интегритет, не сум слушнал никогаш, никаде во ниту една демократска земја за влада меѓу владеачка партија и опозиција“, нагласи Трифонов.

Ова беа втори предвремени избори во Бугарија оваа година, но и по нив не можеше да се формира влада. Трифонов предложи кабинет, но другите парламентарни партии се изјаснија дека нема да го гласаат оти не биле консултирани претходно. Потоа Трифонов одлучи воопшто да не го достави до собранието неговиот предлог. Претседателот Румен Радев по неуспехот да се формира влада одржува консултации и со другите партии.