Словенија ќе прими пет бегалци од Авганистан

Министерот за надворешни работи на Словенија Анже Логар

Шефот на словенечката дипломатија, Анже Логар, денеска изјави дека Словенија нема намера да прифаќа бегалци од Авганистан, освен максимум пет Авганистанци кои работеле за ЕУ. На вчерашниот онлајн состанок европските министри за надворешни работи се согласија дека земјите -членки треба да обезбедат солидарност и помош за оние кои работеле како преведувачи за европската дипломатска служба или како локални логистичари и за членовите на нивните семејства, бидејќи сега се соочуваат со „смртна закана“ во Авганистан.

Што се однесува до другите можни бегалци, како што се новинари или активисти на невладини организации, кои, исто така, може да бидат изложени на ризик, Словенија во моментов нема такви намери како што најавија некои други европски земји, кои имаа подолго присуство во Авганистан и ги знаат околностите „од прва рака“, додаде министерот. Европските министри на состанокот се согласија дека товарот од можни нови миграциски бранови од оваа земја треба да го преземат земјите во соседството на Авганистан за да не се повтори мигрантскиот бран како оној од 2015/16 година.

Инаку Македонија привремено ќе прифати 450 Авганистанци, вработени во мировни и хуманитарни мисии и нивните семејства како и луѓе од невладин сектор, новинари, преведувачи. Во државава ќе бидат само привремено сместени додека не заминат во САД или во друга земја како крајна дестинација. Трошокот за нивно сместување нема да биде на државниот буџет.
И во Албанија ќе бидат сместени бегалци од Авганистан, а првата група од 300 се очекуваше да пристигне денеска.