Раководството на Талибанците ја одржа својата прва официјална прес-конференција во Кабул откако ја презедоа власта во земјата и притоа порачаа дека нема да дозволат Авганистан да се користи во напади против други земји и нема да бараат одмазда против Авганистанците кои работеа за силите предводени од САД.
Портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид изјави дека групата сака мирни односи со другите земји и рече дека на жените ќе им биде дозволено да работат и студираат и „ќе бидат многу активни во општеството, но во рамките на исламот“.
Авганистан да не се користи како подлога за терористички напади против Соединетите држави и други земји е клучното барање во договорот што милитантите го постигнаа со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп минатата година, што доведе до конечно повлекување на САД од земјата под раководството на актуелниот претседател Џо Бајден.
„Ние не сакаме никакви внатрешни или надворешни непријатели“, рече Муџахид, кој беше фигура во сенка со години.
Тој истакна дека оние што работеле како преведувачи за силите предводени од САД нема да бидат цел и можат да се вратат или да останат во Авганистан, вклучително и оние кои во моментов се на аеродромот во Кабул и чекаат да ја напуштат земјата.
„Нивните таленти се потребни за Авганистан“, рече Муџахид.
Одговарајќи на прашање за преговори за формирање нова влада, Муџахид рече дека Талибанците биле во контакт со преговарачите Абдула Абдула, шеф на авганистанскиот национален совет за помирување, поранешниот претседател Хамид Карзаи и Гулбудин Хекматијар, водач на политичката и паравоена група Хизб-ислами.
„Талибанците сакаат инклузивна влада, но во рамките на вредностите на исламот“, рече тој.