Турција одржува дијалог со сите во Авганистан, вклучително и Талибанците

Турција го продолжува дијалогот со сите страни во Авганистан, вклучително и со Талибанците, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Тој посочи дека во Кабул има вакуум откако авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата и дека по влегувањето на Талибанците во Кабул тие де факто ја презеле администрацијата на земјата.

„Ние го одржуваме нашиот дијалог со сите страни, вклучително и со Талибанците. Исто така, важните личности како што се Абдулах Абдулах и Хамид Карзаи, кои преговараа претходно, сè уште се во Кабул и прават подготовки за разговори со Талибанците,“ изјави денеска Чавушоглу на прес конференција.

Тој додаде дека ја цени улогата на Катар во овие иницијативи. Според него сега е клучно да се смират состојбите.