Расте бројот на ковид инфекции, најавени мерки на границите

Илустративна фотографија.

Расте бројот на новодијагностицирани случаи, зголемен е и бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација, а најголем е притисокот во болниците во Тетово и Гостивар, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче кој најави дека од денеска ќе започне со работа модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје и Инфективното одделение во болницата 8 Септември. Тој најави дека дополнително ќе работи еден триажен центар на Институтот за ТБЦ и два триажни центри во рамките на Здравствениот дом.

„Во однос на процесот на вакцинација, добро се одвива после најавените мерки, што е добар сигнал и сметам дека истите трендови ќе продолжат“, рече Филипче. Тој додаде дека има голем број на пациенти во болниците каде опфатот на вакцинација е понизок. Досега се вакцинирани до 4.000 деца до 18 години, додаде тој.

Филипче исто така рече дека на седница на владата било дискутирано за дополнителна мерка која утре треба да биде дополнително дискутирана, а тоа е за влез и за излез на сите граѓани, без разлика дали се македонски државјани или странци, да биде барана или потврда за примена вакцинина или негативен ПЦР тест или доказ дека ја прележале болеста.

„Утре ќе се разговара, како за мерката, така и за тајмингот кога ќе биде тоа имплементирано имајќи предвид дека многу граѓани сега се надвор од земјава“, рече Филипче.

Инаку, министерот за здравство Венко Филипче денеска беша на утрински состанок со членовите на Комисијата за заразни болести и со претседателката на Националниот комитет за имунизација, ја разгледувале епидемиолошката состојба „која од ден во ден станува сѐ посериозна.“

Тој повика на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење хигиена и вклучување во процесот на имунизација.