МНР: Има околу 100 наши граѓани во Авганистан, сите се безбедни

Зградата на Министерство за надворешни работи

Од МНР информираат дека во изминативе 24 часа на дежурните телефони пријавени се неколку граѓани кои имаат свои роднини или пријатели во Авганистан, кои појавиле интерес за состојбите во Авганистан и за активностите на министерството, но, притоа, како што се наведува, не е побарана асистенција за нивно извлекување. Некои од пријателските земји, според соопштението, изразиле подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија.

„Според последните сознанија, околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации. Според последните информации кои ги добивме компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен“, се наведува во соопштението на МНР.

Министерството за надворешни работи, како што се посочува, будно ја следи состојбата во Авганистан. За таа цел беше формирана и посебна работна група во рамките на министерството.

„Остануваме во постојан контакт и со амбасадите акредитирани во земјава, чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул, од каде постојано добиваме информации за состојбите на терен“, додаваат од МНР.

Талибанците денеска влегоа во предградието на главниот град на Авганистан, единствената голема област што остана во рацете на владата, и ветија дека нема да ја преземат со сила, бидејќи се зборува дека се водат разговори со високи претставници за мирен трансфер на власта.