Даштевски: Подготовките за локалните избори навремени

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски изјави дека подготовките за локалните избори ќе бидат навремени иако се уште не се донесени измените на Изборниот законик.

„Јас сметам дека тоа што ќе се донесе бидејќи има работни групи таму професионални во Министерството за правда, и таму внимаваат што може да се направи, што неможе да се направи, што е приоритетно, што не е, дека ќе внимаваат на сите работи за да може успешно да биде спроведен процесот. Така што мислам ќе ги донесат само најопходните работи кои ќе помогнат за полесно спроведување на изборите, а дека другите работи ќе ги остават за подоцна, бидејќи е прекраток временскиот период. Во таа насока ќе се оди за да се помогне и да се олесни спроведувањето на изборниот процес што на нас нема да ни смени многу“, вели Даштевски во интервју за МИА.

Тој информира дека ДИК го потпишала договорот со германската компанија „Дермалог“, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти и системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Според него, следува и едукацијата на членовите на ОИК и избирачките одбори, што ќе опфаќа и гласање со отпечатоци од прсти. Локалните избори, како што наведе, ќе се одржат согласно протоколите за Ковид-19, со исклучок на продолженото времетраење на гласањето, што беше уредено со владина уредба.

„Околу овие работи (за продолженото време за гласање) тоа беше адхок уредба со законска сила од Владата, така што тие важеа само за тогаш, бидејќи во принцип важи Изборниот законик, а тој не е сменет во таа насока. Така што, тие рокови нема да важат, а се друго што се однесува до другите протоколи, здравствени протоколи, ќе бидат апсолутно испочитувани како на минатите избори, маски, алкохол кој ќе го употребуваат пред да влезат во просторијата, запазување на дистанца од два метри и избирачките одбори ќе водат сметка да не влегуваат многу луѓе“, рече Даштевски.

Тој во интервјуто за МИА додаде и дека засега не може да каже дали би можело да дојде до одложување на изборите, доколку бројките на заболени од Ковид-19 се зголемат.