Француски експерти ќе детектираат жариштата на пожарот кај Раовиќ

Пожарникари гаснат пожар во близина на Гевгелија

Во земјата се уште активни се неколку пожари. Пожарот кај селото Раовиќ во општина Сарај вчера претпладне бил локализиран по интервенцијата од воздух на двата армиски хеликоптери, но од попладнето повторно е активен на три места.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов најави дека денеска на терен ќе бидат испратени 30 припадници на Специјалната единица придружувани од француски експерти и четворица Французи кои работат со специјални дронови со термални камери кои можат да го откријат огнот под земја, со цел да се најдат жешките точки кои се невидливи од хеликоптер.

Министерството за внатрешни работи досега има приведено 17 лица кои се сомничат за подметнување пожар, а уште 16 се повикани на разговор. Како што објави ресорниот министер Оливер Спасовски во координација со јавен обвинител се работи на расчистување на сите случаи.

„Сакам уште еднаш да им изразам благодарност на сите пожарникари во државата, на полициските службеници, посебно на припадниците на специјалната полиција кои беа деноноќно на терен, на припадниците на Армијата, а посебно признание заслужуваат сите солидарни граѓани коишто се вклучија во гасењето на оваа огнена стихија“, напиша Спасовски.

Во изминатиот период беа активни неколку големи пожари во чие гаснење се вклучија и пожарникари од Австрија, Словенија, Бугарија…. Помош во хеликоптери и авиони испратија и Србија и Романија.