Спасовски: досега приведени 17 лица за подметнување пожари

Министерот за внатрешни работи на Македонија Оливер Спасовски и неговиот српски колега Александар Вулин во посета на Старо Нагоричане каде што имаше пожар. Србија испрати четири хеликоптери за гаснење на пожарите во Македонија.

Досега се приведени 17 лица, а на разговор во станица повикани се уште 16 други за подметнување пожари. Веќе се поднесени три кривични и две прекршочни пријави, напиша попладнево министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на социјалната мрежа Фејсбук.

Во статусот, Спасовски нагласува дека во координација со јавен обвинител се работи на расчистување на сите случаи.

Минатата недела во Македонија се јавија пожари на повеќе локации, а најдолго гореше во Малешевијата. Ситуацијата последниве денови е посмирена.
Како што информираа попладнево од Центарот за управување со кризи се уште е активен пожарот кај Сарај, а нови пожари има во општините Новаци и Кавадарци, како и над селото Црвена Вода кон планинскиот дом Китка.