Меркел во посета на Москва на 20 август

Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел на 20 август ќе ја посети Москва и ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин, објавија денеска владите на двете земји.

Претходно Кабинетот на Меркел објави дека канцеларката ќе го посети главниот град на Украина, Киев на 22 август.

Меркел беше во посета на Москва лани во јануари, а оттогаш неколкупати телефонски разговараше со Путин. Последниот разговор меѓу нив беше на 21 јули.

„Се очекува двете страни да разговараат за моменталната состојба на односите меѓу нив, перспективите за соработка во различни области, како и да разгледаат голем број меѓународни и регионални прашања“, се вели во соопштението на Кремљ.

Посетата на Меркел доаѓа во време на затегнати односи меѓу Русија и Германија, особено по труењето со нервен агенс на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални. Тој во август лани по труењето беше на лечење во Германија. А Берлин е и клучен поддржувач на Киев откако Русија го анектираше украинскиот регион Крим и започна активно да ги поддржува сепаратистите во источна Украина.

Од друга страна пак Германија е критикувана за поддршката на проектот за гасоводот „Северен тек 2“, со што наскоро двојно ќе се зголеми дотурот на руски природен гас за Германија.

Меркел и Путин, исто така, најверојатно ќе разговараат и за ситуацијата во Авганистан.

Меркел е пред крајот на својот четврти мандат како канцелар. Таа ќе ја напушти функцијата по изборите на 26 септември.