ЦУК - Активни пожари во Скопско и Демиркаписко

Пожар во Сарај

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека се уште е активен пожарот во скопската општина Сарај, над селата Буковиќ и Раовиќ, на планинската страна Осој. Се работи за непристапен терен, каде се дејствува со два хеликоптери на Армијата за да се изгасне, велат од ЦУК.

Се уште е активен и пожарот кај Барово, во Демир Капија. Гори сува трева и нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Интервенираат противпожарни возила, комуналното претпријатие и припадници на Шумското стопанство.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека е локализиран пожарот во село Дивље, во скопската општина Петровец. Локализиран е и пожарот на градската депонија во Виница.

Од почетокот на месецот на повеќе локации во Македонија се појавија пожари. На помош во гаснењето дојдоа пожарникарски екипи со опрема од регионот – Србија, Бугарија, Австрија, Словенија, Романија, Црна Гора и експерти од Франција.