Намален бројот на активни пожари, се утврдуваат штетите и причините

Намален бројот на активни пожари

Една недела по прогласувањето на кризната состојба во државата, заклучно со вчерашните податоци на Центарот за управување со кризи, мал е бројот на активните пожари. Паралелно се продолжува со подготовки за проценки на штетите на зафатените локации од пожарите, но и за утврдување на причините за нивно избувнување. На територија на земјава до синоќа имаше два активни пожара, во скопското село Раовиќ и на потегот меѓу селата Барово и Вешија, каде на непристапен терен беше опожарена мешовита нискостеблеста и вискостеблеста шума.

Милионски штети од пожарите, потребни пет децении за обнова на шумите

За пожарот кај село Раовиќ, во општина Сарај, надлежните информираа дека повторно на три-четири места се забележува чадење на самиот срт и по сртот на планината Осој. Пожарите кај селата Дивље и Крушија, пак, се ставени под контрола.

Кривична против прилепчанец за предизвикување пожар

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук напиша дека дел од пожарите во земјава се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа, како што апелираше, мора да имаме посериозна одговорност. „Досега МВР има приведено 17 лица, во полициска станица се повикани 16 лица, поднесени се три кривични и две прекршочни пријави. Се уште се работи на добар дел од овие случаи и штом ќе заврши со целата постапка ќе се поднесат соодветни поднесоци“, напиша Спасовски.