Во Полска одложено гласањето за контроверзниот закон за медиуми

Полските пратеници го одложија гласањето за контроверзниот предлог закон за медиумски реформи. Опозицијата претходно иницираше одложување на носењето на законот. Критичарите на овој предлог велат дека законот има за цел да замолчи медиум кој е во американска сопственост и е критички настроен кон владата. Но не се знае за кога е одложена седницата.

Ова се случува еден ден по распадот на владејачката националистичка коалиција во Полска, откако премиерот Матеуш Моравиецки го разреши лидерот на помладиот коалициски партнер поради несогласување за законот за медиуми и за даночната политика.

Критичарите велат дека законот е наменет за приватниот радиодифузер ТВН, сопственост на американската компанија Дискавери, кој честопати е критички настроен кон владата.

Законот предизвика загриженост за плурализмот во медиумите, а против него се изјаснија и САД, кои се сојузници на Полска.

Според полските власти законот за медиуми е неопходен од национални безбедносни причини, тврдејќи дека со тоа ќе се спречи странската сопственост во медиумите во земјата. Исто така, се вели дека законот ќе ја усогласи Полска со другите европски земји, како Франција и Германија, кои ја ограничуваат странската сопственост на медиумите.


„Репортери без граници“ ги повикуваат полските пратеници да го отфрлат предлог законот. На 10 август, илјадници луѓе во неколку градови низ земја протестираа против законот.