Во Грција на школо или на факултет само со ковид потврда

Архивска фотографија - Училиште во Грција

Во Грција учебната година ќе започне на 13 септември. Предвидено е наставата во училиштата и на факултетите да се одвива со физичко присуство, но задолжителен ќе биде и документ со кој се потврдува дека лицето е вакцинирано, прележало ковид или има негативен тест.

Од Министерството за образование на Грција, денеска ги соопштија детали за начинот на кој учениците ќе се вратат во училишните клупи и студентите во амфитеатрите.

Одлуките се согласно соодветните препораки од надлежната комисија на епидемиолози.

За просветните работници, односно за наставниците и професорите, како од училиштата, така и од универзитетите задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати седмично, што ќе биде на нивни товар, а истите правила важат и за студентите.

И за учениците ќе биде потребен документ поврзан за ковид-19.

Сертификат за вакцинација, доколку се постари од 12 години, потврда за прележана болест во последните шест месеци или резултат од негативен тест што ќе се прави задолжително два пати седмично.