Белорусија бара американските дипломати да си одат

Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко,

Персоналот во амбасадата на САД во Белорусија да се намали на пет лица до 1 септември, побара режимот на авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко, Барањето на Лукашенко е одговор на последната рунда санкции од страна на САД.

Портпаролот на белоруското Министерство за надворешни работи, Анатол Хлаз, во интервјуто објавено денеска на веб -страницата на Министерството, наведува дека е поништена одлуката за назначување на Џули Фишер за амбасадор на САД во Белорусија.

„Имајќи предвид дека Белорусија ја загуби довербата кон сегашната американска администрација, ја прекинуваме соработката на сите нови проекти, грантови и програми координирани од американската влада додека не се врати таквата доверба“, рече Хлаз, додавајќи дека Минск го задржува правото да воведе дополнителни мерки во иднина.

Интервјуто на Хлаз се појави откако Соединетите Држави, Велика Британија и Канада најавија нови трговски и финансиски санкции за Белорусија на 9 август. На тој датум е првата годишнина од претседателските избори во земјата, кои предизвикаа бран на протести и кои западните сили не ги признаваат и сметаат дека се наместени.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, брутално реагираше на протестите, при што беа приведени повеќе од 32 илјади луѓе, илјадници беа тепани од полицијата, опозициските лидери беа затворани или протерани од земјата.
Како одговор на тоа, Соединетите Американски Држави, Европската унија, Канада, Велика Британија и други земји неколкупати воведоа санкции против Лукашенко, неговите блиски и белоруски фирми.