Грчката влада ќе расправа за финансиска помош на оштетените во пожарите

Пламени јазици во близина на куќите во селото Гувес, на островот Евија, Грција, 8 август 2021 година.

Грчката влада на денешната седница ќе расправа за мерките за помош на владата до настраданите во големите шумски пожари. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера изјави дека одобрил дополнителен буџет од 500 милиони евра за помош и надомест за луѓето што загубиле домови и имот во пожарите што ја зафатија земјата. „Се извинувам за загубите“, рече Мицотакис во телевизиско обраќање, додавајќи: „Оние што загубија домови и имот ќе бидат обештетени. Опожарените области ќе се пошумуваат“. Мицотакис рече дека владините служби морале да се справат со 586 пожари „во сите страни на Грција“ во услови на топлотен бран.

Загинат пожарникар и уништени илјадници хектари шуми од пожарите во Грција

Тој им се заблагодари на земјите што испратија помош и на многуте доброволци кои помогнаа во напорите за гаснење пожар. Мицотакис вети дека евентуалните пропусти ќе бидат испитани. Пожарникарите сѐ уште се борат да ги запрат пожарите на островот Евија, вториот по големина во Грција во близина на Атина, бидејќи огнот се закани дека ќе го зафати градот Истија на северот од островот.