Жестоки улични борби во Кундуз, талибанците влегоа во градот

Борби во Кундуз

Жестоки борби се водат денеска меѓу авганистанските владини сили и талибанските милитанти во Кундуз, главниот град на северната провинција Кундуз, соопштија и властите и локалните жители.
Властите велат дека голем дел од градот сега е под контрола на талибанците, кои пак, тврдат дека градот е „освоен“.

Членот на провинцискиот совет Гулам Рабани Рабани вели дека борби се водат околу канцеларијата на гувернерот и седиштето на полицијата, но оти главниот затвор е во рацете на талибанците.

„Жестоки улични борби се водат во различни делови на градот. Дел од безбедносните сили се повлекоа кон аеродромот“, рече Амрудин Вали, исто така член на провинцискиот совет.

Сепак, авганистанското Министерство за одбрана негира дека Кундуз е изгубен, велејќи дека специјалците почнале операција за чистење на градот. Тие велат дека главниот кружен тек во центарот е повторно освоен од власта и оти зградата на националната телевизија е исчистена од талибанци.

Падот на Кундуз би бил голем удар за владата во Кабул, која во голема мера ги напушти борбите во селата за да ги брани главните градови. Милитантите на 6 август зазедоа два главни града на провинции во Авганистан, но Кундуз, град со околу 375 илјади жители, ќе биде најзначајниот што ќе падне откако талибанците започнаа целосна офанзива во мај.

Офанзивата на талибанците уследи по одлуката на сојузничките сили предводени од САД да го започнат планираното повлекување кое треба да заврши до крајот на овој месец.

Централната команда на САД соопшти дека повлекувањето на војниците е повеќе од 95 проценти завршено и ќе заврши до 31 август.

Најмалку 11 луѓе загинаа, а 39 се ранети во борбите што започнаа во Кундуз вечерта на 6 август, соопшти провинциската дирекција за јавно здравје.