Бугарските „зелени“ нема да гласаат за предлог владата на „Има таков народ“

Претседателот Румен Радев му го врачи мандатот за состав на влада на Пламен Николов

Националниот совет на Движењето на зелените, кој е дел од коалицијата Демократска Бугарија, одлучи нејзините пратеници да не го поддржат предлог составот за нова влада на партијата „Има таков народ“ во Националното собрание на Бугарија.

Оваа вест ја објави Борислав Сандов, копретседател на „Демократска Бугарија“ и „Зелено движење“, јави дописникот на МИА од Софија.

Според бугарските електронски медиуми, лидерите на партиите во коалицијата „Демократска Бугарија“ ќе разговараат за ова прашање, а конечната одлука ќе ја донесе пратеничката група на „Демократска Бугарија“ во Парламентот.

Во текот на следната недела се очекува бугарскиот Парламент да гласа за предлог владата на Пламен Николов.

Претходно, претседателот на Бугарија, Румен Радев потпиша указ со кој му предлага на бугарското Собрание да го избере кандидатот за премиер предложен од политичката партија „Има таков народ“, Пламен Николов, соопшти Кабинетот на Претседателот на Бугарија.

Претседателката на Народното собрание на Бугарија, Ива Митева, објави дека очекува предлог владата на партијата „Има таков народ“ да се стави на гласање на редовната седница на Парламентот в среда, на 11 август.