Три хеликоптери се упатени кон беровското село Мачево

Еден од четирите хеликоптери за гаснење пожар што ги испрати Србија во Македонија.

Три хеликоптери од кои еден македонски и два српски се упатени кон беровското село Мачево, каде ситуацијата со пожарот е критична и има опасност за неколку куќи, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на својот Фејсбук профил.

„Хеликоптерите ќе продолжат да дејствуваат во овој реон (пехчевско / делчевско / беровско) се додека има доволно дневна светлина, напиша Ангелов на Фејсбук.

ЦУК како исклучително тешка ја оцени состојбата со пожарите во делчевскиот и пехчевскиот регион.

„Во моментот се дејствува со жива сила, со материјално-технички средства, со поддршка и помош од хеликоптерската единица на АРМ и на соседната држава Србија. Но, времето и условите се исклучително тешки. Јачината на ветерот е 60 километри на час и сето тоа отежнува и придонесува да не може да се дејствува и да се спречи пожарното дејство“, изјави попладнево раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски.

Според податоците на ЦУК гори на уште неколку места во земјава, како во регионите на Свети Николе, Прилеп, Радовиш.