Казна и за братот на Навални

Олег Навални, брат на затворениот руски опозиционер Алексеј Навални.

Братот на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални доби едногодишна условна казна затвор, откако денеска судот во Москва го прогласи за виновен за јавно повикување на кршење на мерките за спречување на ковид-19.

Олег Навални е четвртото лице осудено за повикување на протести во јануари, по апсењето на Алексеј Навални. Неговите соработници и блиски луѓе повикаа на протести и покрај тоа што на сила беа акти-ковид мерки. Денеска условна казна од една година, со мерки за ограничување на слободата доби и Николај Лиаскин. Тој на Твитер напиша дека судот му забранил да излегува од дома помеѓу 22 часот и 6 часот наутро, да учество на јавни настани и има забрана да ја напушта Москва.

Пред три дена условна казна од година и пол со ограничување на слободата на движење доби и портпаролката на Навални Љубов Собол.

Ден претходно со парична казна за слични обвиненија беше казнет и Дани Акел. Уште неколку луѓе се обвинети за тоа што повикувале на протест за поддршка на Навални во јануари. Повеќето од нив се во домашен притвор или за нив важи полициски час.

Алексеј Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде што беше лекуван од труење со нервен агенс Новичок. Навални ги обвинува руските власти за труењето, но тие тоа го негираат.

Навални е во затвор оти ги прекршил претходните одредби од условната казна, изречена за проневера. Тој вели дека случајот против него е политички мотивиран.