Министерството за здравство денеска соопшти дека од вкупно 416.614 лица кои се вакцинирале со две дози против коронавирусот, 167 се заразиле 14 дена по примента втора доза.
„Ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, и потврдува дека вакцината е корисна и претставува единствен начин да се смени сликата зa пандемијата“, се вели во соопштението на Министерството.
Податоците на институцијата покажуваат дека во период од 1 до 31 јули регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни, а од нив 82 лица се заразиле по поминати 14 дена после вакцинација во втората доза.
„Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена“, соопшти Министерството.
Меѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник В, Фајзер, а има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна.
Министерството апелира дека во овој период важно е граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи, како што посочуваат, само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на коронавирусот 2 и неговото рапидно ширење.
Досега во земјава се детектирани 30 случаи на делта варијантата.