Демократите го повикуваат Бајден да го затвори Гвантанамо

Илустрација.

Демократските пратеници го повикаа американскиот претседател Џо Бајден да го затвори воениот затвор Гвантанамо и да ги ослободи или процесуира преостанатите затвореници осомничени за соработка со Ал Каеда.

Како што се наближува 20 -годишнината од нападите на 11 септември, 75 членови на Претставничкиот дом во отворено писмо до претседателот побараа затворање на спорниот затвор, наведувајќи дека трошоците за негово одржување се превисоки, пренесува АФП.

„Во Гвантанамо имаше околу осумстотини затвореници, а сега има само 39, од нив главно постари и беспомошни“, се вели во писмото.

„Според извештаите на медиумите, затворот чини повеќе од 500 милиони долари годишно, или неверојатни 13 милиони долари по затвореник“, додаваат тие.

Фактот дека по 20 години затворот се уште не е затворен „ја нарушува нашата репутација во странство и ја ослабува нашата способност да ги заштитиме човековите права и владеењето на правото“, посочуваат пратениците.

Затворот Гвантанамо беше отворен во почетокот на 2002 година за припадниците на Ал Каеда и нивните помошници одговорни за нападите на 11 септември.

„Знаеме дека е потребно време да се затвори затворот, но мислиме дека е дојдено време да донесете одлука“, му пишуваат демократите на Бајден.

Пратениците предлагаат на некои затвореници да им се суди во федералните судови, други да се вратат во своите земји, а останатите да се испратат во трети земји, од кои ќе се бара затворениците да бидат добро третирани и да не бидат закана за Соединетите држави.