Советот за безбедност на ОН ќе расправа за нападот врз танкерот кај Оман

Бродови за влечење до танкерот МТ Мерсер Стрит, надвор од пристаништето Фуџајра, 3 август 2021 година

На денешниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации Британија ќе го покрене прашањето за нападот на танкерот МТ Мерсер Стрит крај брегот на Оман, но, според дипломатите, не се очекува Советот и да преземе ништо. Британија во вторникот пред Советот за безбедност изјави дека е „многу веројатно“ оти Иран користел едно или повеќе беспилотни летала за да изврши напад врз танкерот во минатата недела, во кој загинаа двајца членови на екипажот - Британец и Романец. „Има многу спротивставени информации и анализа, која целосно ја отфрламе. Треба да утврдиме факти. Не треба да брзаме со заклучоци или дејствија без да имаме доказ за она што се случило“, заменик рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански.

Израел се закани со воена акција против Иран

Техеран негираше каква било вмешаност во нападот врз танкерот со нафтени производи, со знаме на Либерија, во јапонска сопственост, а управуван од израелски „Зодијак маритим“. Министерот за одбрана на Израел Бени Ганц вчера изјави дека неговата земја е подготвена да „преземе воени дејствија против Иран“.