Агенцијата за храна и ветеринарство врши инспекција кај двата увозника за македонскиот пазар на сладоледите „сникерс“ и „твикс“ на производителот „Дукатос“ по што ќе се одлучи дали ќе бидат повлечени од продажба.
Овие два вида сладоледи, како и овошниот јогурт со рибизла на „Дукатос“ веќе не може да се купат во Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Повлечени се од маркетите по сомнежот дека во нив има остатоци од пестицидот етилен оксид.
“Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, во вторникот попладне добивме нотификација за увезени небезбедни кондиторски производи кои во својот состав содржат адитив со наод на етилен оксид. Станува збор за адитивот locust bean gum“, велат од АХВ за МИА.
Сладоледите „сникерс“ и „твикс“ и овошниот јогурт со рибизла на „Дукатос“ најпрво беа повлечени во Хрватска, а потоа и во БиХ и Србија. Според српскиот министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ, некои земји, како Белгија, не ги сметаат ваквите производи за штетни и ги пуштаат во промет.
Доколку се утврди дека спорните производи се исправни, тие ќе бидат вратени на пазарот, велат од Агенцијата за храна на Црна Гора. Во спротивно, производите ќе бидат уништени за што јавноста ќе биде информирана.