Словенечките пожарникари се во Берово ќе се распоредуваат во регионот

Пожар во близина на Пехчево.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска информира дека словенечките пожарникари пристигнале и се во Берово од каде ќе бидат распоредени да помогнат во гасењето на пожарите во регионот. Помошта од Словенија од 16 противпожарни возила и 46 пожарникари се реализира по телефонски разговор меѓу Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

„Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро“, и напишал министерот Тонин на министерката Шекеринска, информирајќи ја за брзата реакција на сојузничката земја, соопштија вчера од Министерството за одбранакога беше најавена помошта.

Шекеринска на Фејсбук напиша дека се зголемува ангажманот на Армијата во регионот на Делчево и Пехчево. Таа додаде дека 400 припадници на Армијата во моментов го гаснат пожарот во кај селата Истевник, Робово и Умлена.

„Армиските хеликоптери таму исфрлија 56 тони вода, а вкупно досега со над 100 лета исфрлени се 200 тони вода на сите кризни подрачја зафатени од пожари, секаде каде што ЦУК побара реакција. Армијата безрезервно се ангажира во справувањето со пожарите од терен и од воздух“, објави министерката Шекеринска.

Хеликоптери од Србија веќе се во Македонија и помагаат во гаснењето на пожарите, а помош беше најавена и од Бугарија.

ЦУК информира дека голем дел од пожарите во државата се уште се активни. Пожарот кај селото Девич во охридскиот регион е ставен под контрола, а во Пехчево уште е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик.