Возовите не сообраќаат, машиновозачите бојкотираат поради неисплатена плата

Железничкиот сообраќај од вчера е во прекин поради бојкот на машиновозачите. Тие денеска очекуваат да се сретнат со менаџментот на претпријатието за да се најде решение за нивните барања.

„Сообраќајот се уште е во прекин. Ние сме тука и го чекаме менаџерскиот тим, изјави денеска за МИА Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал во Железници на Република Северна Македонија- Транспорт“.

Машиновозачите бараат да им биде исплатен вториот дел од платата за јуни, а најавуваат дека до Управниот одбор на претпријатието и до Министерството за транспорт и врски ќе испратат допис во кој ќе побараат и исплата на надомест за квалитет. Бојкотот започна вчера во 16 часот кога беше стопиран товарниот и патничкиот железнички сообраќај.