Во Македонија активни 627 случаи со ковид-19

Вакцинација против ковид-19 за деца од 12 до 18 години, Скопје, 19 јули 2021 година

Во текот на последните неколку денови биле регистрирани поголем број случаи на заразени со ковид-19, за разлика од дневниот број на новозаразени во текот на јули. Во моментов активни се 627 случаи на заболени со ковид-19. Сепак, надлежните велат дека вакцинацијата, која според експертите е главниот спас од пандемијата, се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Со една доза на вакцина против Ковид-19 се вакцинирани 31 отсто од населението над 18-годишна возраст.

Една третина од возрасните вакцинирани барем со една доза против ковид

Според последните податоци, од почетокот на епидемијата досега во земјава со ковид-19 се заразиле 156.543, оздравени се 150.422, а починати се 5.494 лица. Најмногу активни случаи има во Скопје 195, потоа во Тетово 175, а во Куманово се активни 68 случаи. Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да се вакцинираат. Вакцинацијата, како што посочуваат, е единствен начин да се победи вирусот и да се спречи понатамошно негово ширење во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки се прогнозира иден нов бран на делта сојот.