НАТО и ЕУ со критики до Иран за нападот на израелски танкер

Илустрација

НАТО и ЕУ упатија критики кон Иран поради наводниот напад со беспилотни летала врз танкер во Арапското Море, во кој минатата недела загинаа двајца членови на екипажот, барајќи од Техеран да ги почитува своите меѓународни обврски.

Израел го обвини Техеран дека стои зад минатонеделниот напад на танкерот управуван од израелска компанија во близина на брегот на Оман при што загинаа двајца членови на екипажот, Романец и Британец. Во инцидентот кој се случи на 27 јули беше оштетен танкерот кој пловеше под знаме на Либерија, а е во сопственост на Јапонија.

Портпаролот на НАТО Дилан Вајт рече дека воената алијанса од 30 држави им се придружува на САД, Велика Британија и Романија „остро осудувајќи го неодамнешниот фатален напад крај брегот на Оман и изрази сочувство до Романија и Обединетото Кралство за загубите што ги претрпеа“.

ЕУ изрази жалење за нападот, изразувајќи сочувство за жртвите и повика на темелна независна истрага.

„Ваквите дејствија спротивни на безбедноста и слободата на навигацијата во регионот се неприфатливи. Сите засегнати страни мора да ги избегнат сите дејствија што можат да го поткопаат мирот и регионалната стабилност“, рече портпаролката на Европската комисија, Набила Масрали.

Иран ги отфрли обвинувањата на Израел