Граничниот премин Богородица затворен, пожарот локализиран

Граничен премин Богородица. Илустрација.

Пожарот што попладнево избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин Богородица е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош од воени хеликоптери успеаја да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.

Поради активноста и дејството на пожарникарите од електрична енергија беше исклучен објектот на ГП „Богородица“ и преминот времено е затворен за сообраќај заради безбедност на патниците и за да се овозможи простор за дејство на пожарникарите, откако пожарот се доближи до објектот на граничната караула на АРМ, до казиното „Фламинго“ и до бензинската пумпа „Шимов“, што беше и најопасниот и најкритичниот момент од денешниот пожар во пограничниот појас на Гевгелиско.

Сообраќајот на ГП „Богородица“ се уште е во прекин и ќе биде нормализиран откако екипите на ЕВН ќе проверат дали е безбедно објектот да се приклучи на електрична енергија. Претходно, АМСМ информира дека поради затворањето на ГП „Богородица“, возилата се пренасочуваат на граничниот премин „Дојран“.

Се уште нема информација кога граничниот премин ќе биде повторно отворен за сообраќај. Пожарот поради ветрот се движеше кон границата со Грција, поради што биле информирани и грчките пожарникари од противпожарната единица во Поликастро.