Србија ни испратила 4 хеликоптери за гаснење на пожарите

Пожар во Кочани 02.08.2021.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информира дека Србија испратила четири хеликоптери за гаснење на пожарите.

„Државата е со граѓаните, а со нас денеска се нашите пријатели, мојот драг колега од Република Србија, Александар Вулин и српскиот помошник министер за кризни ситуации Лука Чаушиќ, кои ни испратија и четири хеликоптери за гаснење на пожарите, кои ќе се приклучат на нашите два хеликоптера и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата“, напиша Спасовски.

Спасовски се заблагодари на Србија, која повторно, како што порача, се покажала како сосед за пример, подавајќи рака кога е најтешко, како и на министерот Вулин лично за денешната посета, поддршка и помош за земјата и за граѓаните.

„Особено е значајно кога човек во неволја не е оставен сам на себе. Затоа се со нас нашите пријатели, затоа ние сме со нашите граѓани.

Благодарение на функционалноста на системот, на професионалноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста при известувањето на медиумите, успеваме ситуацијата да ја ставиме под контрола“, напиша Спасовски.

Тој додаде дека и натаму будно се следи состојбата со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние кои допрва ќе стигнат од пријатели и сојузници. Материјалната штета, како што порача Спасовски, повторно заеднички ќе се надомести, а безбедноста на граѓаните останува нивен најголем приоритет.

Пожарите во Кочани оштетија куќи и возила, а деветмина граѓани побараа помош поради отежнато дишење од чадот. Премиерот Зоран Заев ја најави помошта од Србија по разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ.