Портокалов аларм во следните два дена

Скопје на плус 40 степени.

Во следните два дена (среда и четврток) целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза. Од Министерството за здравство соопштија дека се активираат мерките за заштита на здравјето согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Се препорачува да се ослободат од работа најранливите категории, како бремени и луѓе над 60 години. Градинките да немаат активности на отворено во период од 11 до 17 часот. Локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјална грижа да се погрижат и да дадат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.

Се препорачува работодавачите да ги почитуваат законите и да не ги изложуваат работниците на топло.

Препораките до граѓаните се седат во климитазирани простории, да не излегуваат на отворено, ако тоа не е неопходно, да носат светла и лесна облека, да се заштитат од сонцето, да јадат помалку и полесна храна и да пијат повеќе течности. На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува овошјето и зеленчукот пред да се употребува да се мие.