Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против ковид 19 вакцинирани се 31 процент од населението над 18 годишна возраст. Половина од луѓето над 50 годишна возраст се вакцинирани со една доза, опфатот со вакцинација на луѓето на 60 години е 61, 2 проценти, а кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани, има во Скопје - 159.514, во Битола - 35.067 и во Тетово каде се вакцинирани 31.007 граѓани. Во Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.
Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга.
Од Министерството соопштуваат дека има доволно вакцини и дека тие се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат.