Пожарите локализирани, но и натаму активни

Армијата на Република Македонија ги гаси шумските пожари

Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат. Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.

Оштетени куќи и возила од пожарите во Кочани, најавена помош од Србија и Бугарија

Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот. Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење. За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.

Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Претседателот Стево Пендаровски на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите, нареди да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди. Премиерот Зоран Заев кој синоќа го посети Кочани, изјави дека со здружени сили се прави се да се надмине состојбата предизвикана од пожарите. Тој нагласи дека Владата ќе изнајде начини за да ја надомести материјалната штета, без разлика дали станува збор за опожарени покриви, куќи или за уништена стока. Заев информира дека претседателот Стево Пендаровски разговарал со бугарскиот претседетел Румен Радев за помош, а тој самиот стапил во контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој потврдил дека за денеска ќе ни отстапат неколку хеликоптери. Разговарал и со техничкиот бугарски премиер Стефан Јанев во насока на правовремено дејствување со сите расположливи ресурси.

Од денеска во сила целосна забрана за движење во шумските предели

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во пожарите нема повредени лица, во смисла на изгореници или тешки повреди, но, има околу десетина лица кои се јавиле во кочанската болница паради тоа што вдишале чад. Владата, пак, соопшти дека од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели. Владата апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.