Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Пожари околу Кочани. Поради силниот ветер и сувата вегетација огнот брзо се шири.

Шумски пожари беснеат на над десетина локации низ Македонија. Како што имформираат локалните власти и противпожарните служби, шумски пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, во Кочани каде на две места се зафатени десетици хектари шума, борова шума гори во Делчево и во Пехчево, како и кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско. Пожар има и во села во Македонски Брод, во општина Липково околу Белановце и во скопско. Надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека се активни 13 пожари, а дека причина за нив се човековиот фактор и топлото време.

Според информациите, пожарите на две локации околу Кочани брзо се шират поради силниот ветер и сувата вегетација. Oгнот брзо се проширил во месноста Сламерник во западниот дел над градот и веќе се зафатени дел од куќите и помошните објекти во населбата Белско Маало, како што информираат екипите на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Тие соопштуваат дека максимално се ангажирани во локализирање на пожарите, а помош е побарана и од соседните единици од Виница и Пробиштип. На социјалните мрежи се објавени десетици видеа и фотографии на кои се гледаат огнените јазици како горат околу куќите во градот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва соопшти дека за големиот пожар во Кочани наредбата како Врховен командант за ангажман на Армијата ја дал во 16:30 часот.

„Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани. Во текот на денот беа ангажирани над 170 припадници на армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба“, наведе Пендаровски.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вечерва на Фејсбук соопшти дека три екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје, 15 пожарникари и 3 возила, се упатуваат да им помогнат на граѓаните на Кочани и дека ќе се стават на располагање на тамошните служби.

„Екипата на пожарникари е надополнета со 6 возила (цистерни) за дотур на вода од скопските комунални претпријатија. Во текот на денешниот ден, скопските пожарникари гасеа девет пожари во Скопје и скопско, а две екипи беа на испомош во Старо Нагоричане“, наведе Шилегов апелирајки граѓаните да се однесуваат внимателно во топлите денови.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вечерва одржa итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС, објави ДЗС на Фејсбук. Предложено e да се вклучат и доброволните противпожарни друштва.

„Апелираме до сите граѓани да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат ДЗС за пожари во целата територијата на државата. Само заедно можеме да се справуваме најсилно со ова зло“, стои во објавата.

Во Ранковце пожарот се проширил од шума во дел од населените места Радибуш и Отошница, при што биле опожарени дел од куќите, изјави градоначалникот на Ранковце Ивица Тошевски посочувајќи дека големата стихија се заканува да се прошири и кон останатите села на општината.

„Во моментв можам да кажам дека нѐ снајде голема катастрофа, огнот буквално го проголта домот во село Отошница, опожарени се куќи, има зафатено столбови за електрична енергија, струјата е во прекин. Очекуваме помош од соседните општини и во координација сме со Дирекцијата за заштита и спасување и со Центарот за управување се кризи (ЦУК)“, вели Тошевски.

Огромен пожар од попладнево пустоши во Ранковце, има изгорени и куќи.

Командирот на Територијалната противпожарна единица од Ранковце рече дека огнената стихија е голема и дека постои опасност од соединување на пожарот со оној во Старо Нагоричане.

Пожари во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско. 02.08.2021.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вечерва изјави дека 13 активни пожари беснеат низ земјава, а дека неколку од нив се исклучително сериозни.

„Најсериозна е состојбата во Старо Нагоричане каде огнот е стигнат речиси до куќите во селата Кокино и Степанце. Овде дејствува и армиски хеликоптер, а со наредба на врховниот командант на АРМ, претседателот Пендаровски, помош при гаснењето на пожарите ќе даде и пешадијата на Армијата“, изјави Ангелов за телевизија Телма додавајќи дека „скоро сите пожари се предизвикани од човеков фактор.“

Од пожар зафатени се шумите во атарите на планинските села Новоселани и Костин Дол, а поради конфигурацијата на теренот отежната е интервенцијата за негово гаснење, според противпожарните единици.

Во локализарањето на пожарите е вклучено и месното население, а како превентива е исклучена електричната енергија во западниот дел на Кочани.

Борова шума гори и меѓу општините Делчево и Пехчево, потврдува Територијалната противпожарна единица во Делчево.