Гани: Несигурноста во Авганистан е поради ненадејната одлука на САД

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани зборува на состанокот во авганистанскиот парламент во Кабул. 2 август 2021 година

Ашраф Гани за моменталната несигурност во Авганистан ја обвини „ненадејната“ одлука на Вашингтон да ги повлече војниците од земјата, во услови кога владините сили се борат против Талибанците за контрола врз јужниот главен град на провинцијата Хелманд.

За време на викендот се водеа борби во Лашкар Гах - главниот град на провинцијата, каде Талибанците започнаа координирана офанзива во центарот на градот, само неколку часа откако Владата објави распоредување на стотици специјалци во областа.

Талибанските милитанти, исто така, продолжија со нападите во текот на ноќта врз најмалку два други провинциски престолнини - Кандахар, исто така на југ и Херат во западниот дел на Авганистан - по тешките борби во текот на викендот поради кои илјадници цивили ја напуштија областа соочена со насилство.

„Причината за нашата ситуација е што одлуката беше донесена нагло“, рече Гани на заедничката седница на Парламентот.

Тој ја обвини „ненадејната одлука за повлекување на меѓународните трупи“ и рече дека го предупредил Вашингтон за таквите „последици“.

Но, тој рече дека неговата влада има план да ги стави условите под контрола во рок од шест месеци и дека САД го поддржуваат планот.

Инаку, американскиот претседател Џо Бајден објави дека американските сили ќе се повлечат од Авганистан до крајот на август, а дека странските војници под команда на НАТО исто така се повлекуваат во координација со нив.

Талибанците владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, кога беа соборени со интервенција на меѓународните сили предводени од Соединетите држави.

Војната во Авганистан започна во време кога Џорџ Буш беше претседател по нападите врз САД на 11 септември.

Тогаш Вашингтон му даде ултиматум на лидерот на Талибанците Мула Омар да го предаде лидерот на Ал Каеда Осама Бин Ладен и да ги демонтира камповите за обука на милитанти, а дека во спротивно ќе се соочи со воена интервенција. Омар тоа го одби, а коалицијата предводена од САД ја започна инвазијата во октомври.

Бајден повтори дека САД ќе останат ангажирани во Авганистан преку хуманитарна помош. САД, исто така, се обврзаа да инвестираат 4,4 милијарди долари годишно за финансирање на авганистанските безбедносни сили до 2024 година.