Иран ги отфрла наводите на Израел дека тие стојат зад нападот на танкерот

Американската морнарица се подготвува да го придружува нафтениот танкер кој беше оштетен од нападот со дронови во Арапското море

Иран ги отфрли наводите на Израел дека Техеран стои зад минатонеделниот напад на нафтениот танкер управуван од израелска компанија во близина на брегот на Оман при што загинаа двајца членови на екипажот, Романец и Британец. Во инцидентот кој се случи на 27 јули беше оштетен танкерот кој пловеше под знаме на Либерија, а е во сопственост на Јапонија.

Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Саид Катибзаде денеска рече дека Израел создава „несигурност, терор и насилство“ и додаде дека Техеран ги осудува наводите за вклученоста на Иран во нападот. Тој додаде дека таквите обвинувања имаат цел Израел да го сврти вниманието од фактите и дека се неосновани. Израелскиот премиер Нафтали Бенет го обвини Иран дека се обидува да избегне одговорност и рече дека негирањата на Техеран се кукавички.

Американската воена морнарица вчера соопшти дека првичните индиции јасно покажуваат дека се работи за напад со дронови и дека два американски воени бродови ќе го придружуваат оштетениот танкер до безбедно пристаниште.
Танкерот беше менаџиран од лондонската компанија Зодијак, која е дел од групацијата на израелскиот милијардер Ејал Офер. Министерот за надворешни работи на Израел Јаир Лапид рече дека им кажал на израелските дипломати во Обединетите нации да притискаат за акција против „иранскиот тероризам“. Лапид вчера разговараше и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и двете страни побараа истрага.